Археолошки локалитет - ГОЛЕМО ГРАДИШТЕ КОЊУХ

Големо Градиште - Коњух

утврден град од Доцната антика во регионот на Кратово

Археолошкиот локалитет Големо Градиште се наоѓа во близина на Кратовското село Коњух. Познат е како редок пример на град подигнат кон крајот на 5 – почетокот на 6 век н.е., на територија на провинцијата Дарданија, во Источното Римско Царство. Распространет на висока и издолжена акропола, широка тераса на северното подножје на акрополата заградена со Крива Река, и потесен простор на јужното подножје на акрополата градот е пример на доцната фаза на римскиот урбанизам, со силно утврдување и значителен акцент на црковната архитектура. Планот на градот, тврдините и црквите истовремено претставуваат рана фаза на развојот на европскиот урбанизам и религиозното наследство. Со своите са. 17 хектари површина, Големо Градиште кај с.Коњух е најголемиот и досега најдобро истражен град од 6 век во североисточниот дел на Р.Македонија.

На природно заштитената акропола, на високиот рид познат како Големо Градиште, во 6-от век била изградена силна тврдина. Овде, со археолошките истражувања реализирани помеѓу 1998-2004 г., беа откриени капии, улици, скали и неколку резиденцијални и јавни градби, со темели вкопани во меката карпа. Дел од нив, меѓу кои големата цистерна за вода, се видливи и денес на акрополата. Доминантноста на ридот над пошироката околина била од голема стратешка важност за безбедноста на градот и неговите жители во немирните времиња на 6 век. Локалитетот е познат и по бројните простории издлабени во карпата, откриени на југозападната страна на ридот. Се верува дека во минатото биле користени како монашки ќелии.

Од 2005 година наваму, систематските истражувања продолжуваат на северната стамбена тераса, каде беа откриени два големи резидецијални комплекси. Првиот е повеќенаменска градба со остави и работилници околу внатрешен двор, додека вториот е резиденција со неколку поголеми простории, кујнски простор и двор со колонада, која несомнено припаѓала на член на градската елита. Точно помеѓу двете резиденции откриена е и голема, трикорабна базилика (35 х 15 м), со различни невообичаени архитектонски решенија. Една од нејзините анекс простории, со апсидален завршеток на источната страна и писцина во средишниот дел, претставувала крстилница. Фрагментите од репрезентативна камена пластика, откриени и во оваа базлика но и во базиликата Ротонда на овој локалитет, укажуваат на локална работилница, од средината на 6 век.

Надвор од бедемите, на утврдувањето се некрополите на градот, од кои најдобро истражена е некрополата на платото К’шла, оддалечена околу 500 м североисточно од Големо Градиште. На источното подножје на ова плато, при заштитни истражувања во 1995 година, била откриена мала трикорабна базилика со голема засведена гробница во внатрешноста, која веројатно била во функција на некрополата. Со својата уникатна кружна форма, на овој локалитет припаѓа и познатата црква Ротонда, откриена во 1919 година, на ниско ридче оддалечено околу 200 м југоисточно од градот. Раскошните архитектонски елементи и решенија, како и бројот на црквите посочуваат на веројатноста дека градот бил и епископско седиште. Неговата големина, местоположба и очигледната економска моќ го идентификуваат како важен стратешки и административен центар во овој регион во времето на Доцната Антика.

Големо Градиште е најголемиот и досега надобро истражениот град од 6 век во североисточниот дел на Р.Македонија. Оттаму, резултатите од истражувањата даваат важни податоци и заклучоци за урбанизмот во овој регион, а поконкретно за ретките новоформирани градови од Доцната Антика. Црковната архитектура е од исклучителна вредност, не само за овој локалитет и територијата на нашата земја, туку и пошироко – за целиот Балкански Полуостров. Веќе ги споменавме трите цркви од 6 век, кои со својот уникатен изглед и литургиски елементи на различни начини служеле на Христијанската заедница на градот. Раскошните рељефи на амвоните односно певниците во Ротондата и Епископската базилика се досега без споредба и укажуваат на непозната локална работилница.

Од самиот почеток во 1998 година, истражувањата на Големо Градиште се одвиваат како меѓународен истражувачки проект, под раководство на Археолошкиот оддел при НУ Музеј на Македонија – денес НУ Археолошки Музеј на Македонија, од Скопје, и Гетисбург колеџот од Гетисбург, Пенсилванија, САД.

Идни планови

Поради големото културолошко и историско значење на Големо Градиште, веќе потврдено од стручната и научната јавност, на локалитетот од неодамна се врши постапка на правна валоризација, заради негово ставање под посебен режим на правна заштита, како заштитено културно наследство т.е. споменик на културата. Досега, на овој простор, статус на споменик на културата имаше само малата средновековна црква Св.Ѓорѓи.

Околината на Големо Градиште, со блиските археолошки локалитети, како Селиште, Кшла и Цоцев Камен, а потоа и автентичните камени куќи во селото Коњух, убавината на природната формација Куклици и богатите форми и бои од вулкански карпи (туф, бреча, варовник и др.), кои ги пленат сетилата и емоциите на посетителите, треба да се перцепираат како интегрална целина и така да се заштитат, како единствен – Археолошки Парк „Големо Градиште“. Создавањето и прогласувањето на Археолошки Парк „Големо Градиште“ истовремено ќе стимулира продолжување на археолошките истражувања но и поактивен, проирен и стратешки приод кон заштитата и презентацијата на локалитетот на институционално ниво. Со активно учество на Општина Кратово и жителите на с.Коњух, надлежноста, користењето и офоцијализирањето на Археолошки Парк „Големо Градиште“ ќе подразбира и стратешки план за вклучување на просторот во приоритетите за развој на културниот туризам во Општина Кратово.

Археолошки дневник

Хронолошки преглед на истражувањата

1919

Во близина на селото Коњух селаните откриваат остатоци од црква со трапезоида основа, која подоцна науката ќе ја идентификува како архитектонски куриозитет на Балканот – црква Ротонда, од 6 век н.е.

1938

Професорот С.Радојчиќ ја посетува Ротондата и за прв пат ја објавува во научните списанија во 1952.

1970

Професорот И.Микулчиќ прави рекогносцирања на околината на Големо Градиште, при што изработува и план на локалитетот.

1988

Републичкиот Завод за заштита на спомениците на културата од Скопје (денес Национален Конзерваторски Центар) врши истражувања во и околу Ротондата и подготвува проект за конзервација на црквата.

1995

При трасирањето на пругата Скопје-Софија, во месноста К΄шла, недалеку од локалитетот биле откриени гробови од железното време и римскиот период, како и мала базилика со засведена гробница во внатрешноста, која е во рамките на некрополата.

1998

Рекогносцирање на локалитетот од страна на меѓународен стручен тим од археолози, од Музејот на Македонија и Гетисбург Колеџот, од Пенсилванија, САД.

2000

Почеток на долгорочен меѓународен истражувачки проект на лок. Големо Градиште, во соработка помеѓу Музејот на Македонија и Гетисбург Колеџот, од Пенсилванија, САД; проектот е започнат со истражувања на акрополата на локалитетот.

2005

Истражувањата продолжуваат на северното плато, каде е лоцирано главното градско јадро.

2008

Откривање на „Големата“ или „Епископска“ базилика во централниот дел на платото.

2013

Локалитетот Големо Градиште е номиниран и избран во потесната селекција на загрозено културно наследство во Европа, во рамки на програмата „7-најзагрозени“, на организацијата Еуропа Ностра.

Библиографија

Галерија

Фотографии, планови и цртежи

Акропола

Епископска базилика

Ротонда

К'шла

Куклици

Цоцов камен

За нас

Спонзори:


Раководители на проектот:


На сите наши почитувани колеги (ко-раководители, раководители на сонди и технички лица) и студенти има искажуваме неизмерна благодарност за нивниот придонес, професионализам, посветеност и ентузијазам вложени во проектот:


Поранешни раководители на проектот:

Специјалисти и Раководители на сонди:

Конзервација и техничка документација:

Студенти учесници: